Кошаркарите на Работнички остануваат единствени непоразени во домашното првенство сезонава, откако вечерва, на домашен терен, лесно и убедливо го совлада незгодниот тим на Гостивар (74-49), во меч од 18. коло од Првата лига.

Центарци не дозволија да бидат изненадени како нивниот најголем ривал МЗТ Скопје пред неколку дена, кога загуби од гостиварци и покрај водство од дури 20 поени и без никакви проблеми дојдоа до 18-тиот триумф по ред. Ова воедно е и одлично загревање за четата на Марин Докузовски пред вечното дерби против шампионот, кое следната сабота ќе се одигра во „Градски парк“.

Црвено-белите уште во првата четвртина ги решија дилемите околу победникот и тоа со гранитна одбрана, која им донесе предност од дури 20-4 пред крајот на периодот. Потоа следуваше рутинско одработување на задачата на 14-кратниот првак, чии играчи мудро и искусно само ја зголемуваа предноста до највисоки плус 29 во третиот дел од натпреварот.

Бугарскиот интернационалец Чавдар Костов со 20 поени (пет тројки) и осум скока беше убедливо најдобар во составот на Работнички, Бојан Крстевски постигна 15 поени, Кирил Николовски 12, а Ѓорѓи Чековски 11 поени. Диме Тасовски со 17 и Јурај Сегариќ со 14 поени беа најефикасни кај Гостивар.