Работнички на „центарски погон“ го освои Кавадарци, голем триумф за Куманово!

Кошаркарите на Работнички ставија крај на мини-серијата од два порази во низа и со одлична игра на најновото засилување Филип Бундовиќ го освоија „жешкиот“ терен во Кавадарци победувајќи го Еуро Никел со 84-83.

Хрватот кој неодамна дојде од екипата на Цибона имаше деби од соништата во црвено-белиот дрес, откако доминираше под двата коша и средбата ја заврши со 27 поени и 12 скока. Избраниците на тренерот Димитар Мираковски фуриозно го почнаа мечот и уште во првата четвртина, која ја добија со 30-11, дојдоа до предноста, која се покажа како решавачка. Домашните потоа заиграа далеку подобро и полека, но сигурно го „топеа“ водството на противникот, за на стартот од последниот период да дојдат и до единственото водство на натпреварот (65-64).

Но, константното „бркање“ на резултатот ги премори кавадарчани, па гостите од „Градски парк“ со серија 8-0 повторно се „одлепија“, но овој пат не дозволија нов пресврт. Последната минута донесе пенал-завршница во која пресуди искуството на Работнички, видливо дури и преку намерно промашеното слободно фрлање на Демиер Питс на две секунди до крајот, за противникот да нема можност да организира цел напад за изедначување или победа.

Покрај Бундовиќ, одлична партија прикажа и Кирил Николовски со 17 поени и осум скока, додека двоцифрен ефект имаше и Стефан Балмазовиќ со 12 поени. Вториот новак кај центарци, Мирко Мулалиќ постигна шест поени, додека Американецот Рајнер Торнтон засега воопшто не е регистриран за средбите од Првата лига. Џексон Дубински со 22 и Рики Рикиќ со 17 поени беа најдобри кај Еуро Никел.

Важна победа оствари и тимот на Куманово, кој на домашен терен го совлада Гостивар (81-73). И тука гостите почнаа блескаво и првата четвртина ја добија со 29-16, но домаќинот беше фантастичен во вториот и во последниот период, кои ги доби со неверојатни 44-17 (23-8, 21-9), за сигурна победа. Отис Ливингстон со 27 поени беше најефикасен кај кумановци, додека Џејлон Фрајдеј со 26 поени беше најпрецизен кај Гостивар.

Победа остварија и кошаркарите на Академија ФМП, кои дома беа подобри од Црн Дрим (74-68). Во склоп на 15. коло од Првата лига, утре силите ќе ги одмерат МЗТ Скопје Уни Банка и Пелистер односно Вардар и Кожув. Одложен е мечот помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје.