Работнички конкретен, МЗТ и Блокотехна претпазливи, другите среќни што се дел од Купот

Со очекувања да биде вистински празник на кошарката, но е со желба да се остварат што е можно поголем број победи, тренерите на екипите кои ќе учествуваат на завршниот турнир од Купот на Македонија ги најавија пресметките кои следниот викенд ќе се случат во Кавадарци.

Единствен кој категорично најави атак на победничкиот пехар беше првиот помошник во стручниот штаб на Работнички, Перо Блажевски, потенцирајќи дека играчите на овој тим ќе сторат сѐ да дојдат до самиот крај и таму да ги израдуваат своите навивачи.

„Без разлика што Карпош Соколи игра со подмладен состав, ние мора да влеземе мотивирано за да победиме и да влеземе во ритам. Наша цел е освојување на победничкиот пехар, без разлика со кои играчи и против кои екипи ќе играме. Ќе пробаме да ги израдуваме навивачите, а на сите што ќе дојдат во Кавадарци да се забавуваат“, изјави Блажевски.

Тимот од „Градски парк“, според познавачите, најголеми конкуренти во борбата за трофејот ќе ги има во вечниот ривал МЗТ Скопје и во Блокотехна. Овие два тима најверојатно ќе се сретнат во полуфиналето, а ако се суди според изјавите од двата табора, се очекува пеколен и да крај неизвесен натпревар.

„Националниот куп секогаш е празник на кошарката. Сите тимови досега покажаа одличен квалитет, а имаат и искусни поединци. Еден натпревар одлучува сѐ, што отвора можност за изненадување. Поради тоа фаворитите треба да бидат максимално сконцентрирани, што важи и за нас. Имаме големи амбиции бидејќи сакаме преку домашните натпреварувања да го поправиме впечатокот од АБА. Исклучително го цениме Фени индустри, како и останатите екипи како Блокотехна, Работнички, но и сите други кои ќе настапат во Кавадарци“, изјави тренерот на „металците“, Жељко Лукајиќ.

Гевгеличани, пак, првпат се дел од едно вакво натпреварување, што за нив е признание само по себе.

„Како дебитанти верувам дека ќе дадеме своевидна свежина на завршницата од Купот на Македонија. Се надевам дека ќе имаме можност да се израдуваме на некоја победа и да бидеме дел од полуфиналето, па и зошто да не и на големото финале“, изјави Марјан Илиевски.

Слични се и размислувањата на капитенот на овој клуб, Горан Главчев.

„Исклучително важна завршница бидејќи е прва за нас и се надевам дека ќе се прикажеме во најдобро светло. На хартија сме фаворити, но се игра еден натпревар и тоа отвора простор за секакво изненадување“, изјави кошаркарот на Блокотехна.

Претставниците на останатите екипи генерално потенцираа дека се среќни што се дел од оваа завршница, но и најавувија дека ќе сторат сѐ за да направат некакво изненадување. Билетите за секоја средба во Кавадарци ќе чинат по 50 денари. Пред почетокот на денешната прес-конференција, претседателот на Карпош Соколи до доби пехарот во трајна сопственост за триумфот во ланското издание на ова натпреварување.