Работнички ќе „вежба“ со ветераните во меч од хуманитарен карактер!

Актуелниот кошаркарски шампион, екипата на Работнички, задутре (18 часот), во салата „Градски парк“, ќе одигра пријателски натпревар од хуманитарен карактер против ветераните на овој клуб , чија главна цел ќе биде собирање средства за помош на Ирена Танчева.

Станува збор за 25-годишна мајка на две деца, која на 27 април минатата година имала тешка сообраќајна несреќа по која е останата неподвижна. На средбата ќе бидат собирани средства за нејзиното лекување во Русија со матични клетки по кое таа би можела повторно да застане на свои нозе.

Ова воедно ќе биде и генерална проверка за избраниците на тренерот Марин Докузовски пред претстојното вечно дерби против МЗТ Скопје, кое ќе се одигра следниот понеделник во „Јане Сандански“.