Работнички ќе брка титула во опрема на бренд чиј заштитен знак е – Христо Стоичков

Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, за време на зимската пауза направи неколку промени во играчкиот кадар, но и во делот на техничкиот спонзор на екипата, со оглед што црвено-белите во вториот дел од сезоната ќе настапуваат во сосема нова опрема од брендот „Красико спорт“.

Станува збор за компанија од Бугарија, чие седиште е во градот Бургас и чиј заштитен знак од неодамна е најдобриот бугарски фудбалер на сите времиња, Христо Стоичков, за кого беше изработена посебна програма по повод 25-годишнината од неговиот избор за најдобриот тим на Мундијалот во САД во 1994 година. Дресови од марката „Красико спорт“ носи и актуелниот кошаркарски шампион кај нашиот источен сосед, Балкан од Ботевград, по чии стапки сакаат да тргнат и челниците на тимот од „Градски парк“.

Работнички вториот дел од сезоната го почна со саботниот триумф на домашен терен во пресметката со Куманово, по што дојде до скор 8-4 и делба на третата позиција на табелата во Првата лига, заедно со Кожув и Еуро Никел. На првите две места во моментов се МЗТ Скопје и Гостивар со учинок 9-3.