Работнички им даде последна опомена на Наумоски и МКФ пред да ги – нападне!

Челните луѓе на Работнички полека, но сигурно губат трпение во борбата за, како што велат самите, своите права, па денеска излегоа со ново соопштение упатено директно до Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и првиот човек, Петар Наумоски.

Центарци барат увид во работата на Куќата на кошарката, пред сѐ во делот на финансиите за што требаше да се разговара на синоќешниот Управен одбор. Но, дури и по овој состанок не им било исполнето ветеното во однос на нивните барања, поради што тие повторно се закануваат со реакција кај државните органи. Соопштението ви го пренесуваме во целост.

„Неколку пати пративме дописи до МКФ за да ни одговорите на неколку прашања и да постапите по нашите барања согласно статутот на МКФ. До денес немаме никаков одговор.

1. Бараме од МКФ и нејзиниот престедател да ни достават на увид целата финансиска состојба и обврските према МКФ кои ги имаат сите членки на федерацијата и пред се прволигашите

2. Да постапите согласно нашето барање за суспензија согласно статутот за сите клубови кои не ги испочитувале своите обврски

3. Да ни одговорите како суспензии важат за едни клубови а за други не

4. Зошто само Работнички и Вардар се оштетени со суспендирање на салата а за суспензија на другите клубови по други основи нема ништо. Доколку денес не добиеме одговор на нашите барања ве уверуваме дека од понеделник ќе ја започнеме правната битка према други институции.

Ќе бараме одговорност од првиот човек на федерацијата, комесарот и сите останати кои согласно статутот ја злоупотребиле својата позиција. Затоа ве предупредуваме за последен пат!“, се вели во реакцијата на Работнички.