Работнички и Блокотехна ептен лесно го решија охридско-гостиварскиот проблем!

Кошаркарите на Работнички и на Блокотехна без никакви проблеми дојдоа до бодовите во вечерашните пресметки на домашен терен против АВ Охрид (100-64) односно Гостивар (72-53) во првите средби од 6. коло од Суперлигата.

Овие триумфи значеа и дополнително зацврстување на составите од Скопје и Гевгелија на првите две места на табелата во пресрет на плејофот за титулата. Центарци веќе и теоретски го обезбедија стартиот број еден пред доигрувањето додека гевгеличани ја задржаа предноста од најмалку една победа пред МЗТ Скопје во борбата за втората позиција.

Двата тима бодовите ги осигураа уште во првото полувреме. Работнички имаше дури плус 30 по воведните две четвртини (51-21), додека Блокотехна на одмор замина со нешто помала, но исто така убедлива предност во однос на гостиварци (44-18).

Бојан Крстевски со 15 и Шон Еванс со 14 поени беа најпрецизни кај црвено-белите од „Градски парк“ додека Мирза Ахметбашиќ со 21 поен беше најефикасен кај АВ Охрид. Во Негорци, пак, Бенџамин Двејн со 21 поен беше најефикасен во домашниот тим, а Седрик Боувен и Данило Мијатовиќ постигнаа по 13 поени додека Андреј Магдевски со 15 поени беше најпрецизен кај Гостивар.

Утре силите ќе ги одмерат Куманово и МЗТ Скопје.