Работнички добива две недели да го среди „Градски парк“ или да си најде – нов дом!

Раководството на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) е решено да стави крај на инцидентите налик на тој на (за)вчерашната пресметка помеѓу Работнички и МЗТ Скопје, поради што планира буквално да ги имплементира одредбите на ФИБА и во Суперлигата и во плејофот да не дозволи играње во сали кои не ги исполнуваат сите услови за нормално одигрување натпревари на највисоко ниво.

Тоа значи вонредна детална инспекција на спортските објекти во кои се игра елитна кошарка и решавање дали таму во иднина ќе може да се настапува, сѐ со цел да не се повторат немилите сцени од вечното дерби кое мораше да се игра во два дена поради прекинот до кој дојде поради плукање, фрлање предмети и поради недоволна редарска служба да се справи со проблематичните навивачи.

„Строго ќе ги имплементираме одредбите на ФИБА за играње средби на највисоко ниво, а за нас тоа е Суперлигата и плејофот. Нема да дозволиме играње во салите кои нема да ги исполнат пропозициите за суперлигашки натпревари. Клубовите во чии спортски објекти ќе најдеме забелешки ќе имаат две недели да ги исправат пропустите и да ги задоволат нашите барања или, пак, да си најдат алтернативна сала. Ова важи за сите, без разлика дали е Работнички, МЗТ Скопје или било кој друг. Нема да има попуст или прогледување низ прсти како што било во минатото“, ни изјави Владимир Темелковски, спортскиот директор на МКФ.

Со цел да се средат овие проблеми односно да се стави крај на прогледувањето низ прсти на кое бевме сведоци низ години, за в четврток е планиран заеднички состанок на МКФ со Здружението на прволигаши на кои ќе бидат поканети и по еден кошаркар и тренер од секој клуб.

„За нас овој состанок е исклучително важен бидејќи сакаме да размениме мислења на темите околу условите во спортските објекти за мечеви од Суперлигата и плејофот, за усогласувањето на судиските критериуми и одлуки, за регулатива за изјави во медиумите од сите актери, како и за имплементирање на одредбите од законот за спречување насилство на спортските терени. Очекувам плодна дискусија и заедничко наоѓање на излез од непријатната ситуација во која се најдовме“, дополнува Темелковски.

Салата „Градски парк“ дефинитивно е прва на листата за „црвен картон“, барем ако се суди според реториките од Куќата на кошарка по проблематичното дерби, но жалби има и за условите во салата „Шабан Трстена“ во Чаир во која игра Шкупи односно во салата „Негорски бањи“, која е дом на второпласираниот тим Блокотехна.