Првото вечно дерби ќе се игра в недела во „Градски парк“ - без пренос на телевизија!

Првата пресметка сезонава помеѓу најлутите кошаркарски ривали кај нас, екипите на Работнички и на МЗТ Скопје, ќе се случи в недела во салата „Градски парк“ (18 часот), но без директен телевизиски пренос.

Причина што на оваа средба ќе нема камери е презафатеноста на МТВ со други однапред закажани спортски настани, но и неможноста да се одигра еден ден претходно, термин кој во целост му одговара на носителот на ТВ-правата за македонската кошарка. Причина што вечното дерби не може да се одигра в сабота е фактот што МЗТ Скопје дури утре ќе го одигра натпреварот од 8. коло од АБА2-лигата против Широки (19 часот), па во тој случај кошаркарите на овој тим би имале помалку од 48 часа за одмор до „војната“ со најголемиот противник од општина Центар.

МЗТ Скопје во моментов е подобро пласирана и со скор 5-1 е на делба на првото место на табелата, заедно со Гостивар и Кожув, додека веднаш зад нив е Работнички со учинок 4-2. Ова ќе биде дуел од седмата рунда до Првата лига во која уште ќе се сретнат екипите на Гостивар и Еуро Никел, Куманово и МЗТ Скопје УНИ Банка, Пелистер и Кожув и на Академија ФМП и Вардар.