Прволигашите се за крај на првенството, КФМ одлуката ќе ја донесе - в понеделник!

Целосен прекин на првенството поради вонредната состојба во државата поради пандемијата од коронавирусот која целосно го умртви светскиот спорт, е ставот на речиси сите кошаркарски прволигашит искажан на денешниот историски состанок со челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).

Наместо во иста просторија, луѓето кои ја предводат македонската баскет-елита првпат состанчеа преку видео конференциска врска, со цел да ги запазат мерките за избегнување групни собири. Нивните размислувања беа во правец на прифаќање на реалноста, која вели дека е речиси невозможно да се создадат услови за продолжување на домашното првенство, поради што најдобро е да се следи примерот на веќе голем број други европски држави кои веќе официјално ставија крај на шампионатите.

Прволигашите дебатираа и во правец за крајниот епилог на прекинатото првенство, што е во ингеренција на првите луѓе на КФМ, поради што е договорено во текот на утрешниот ден секој од клубоите да достави свој предлог за тоа како смета да заврши шампионатот во делот на врвот од табелата, но и во делот на испаѓањето. Потоа, откако ќе ги разгледа сите размислувања, а во координација до Светската кошаркарска федерација (КФМ), предводниците на македонската кошарка в понеделник ќе ја донесат конечната одлука.

Засега, сосема се реални шансите за шампион да биде прогласен МЗТ Скопје како актуелен лидер на табелата, по примерот на Белгија, Литванија, Украина, БиХ и Полска, кои досега го сторија истото, додека ниту една екипа не би испаднала. Тоа значи дека следната сезона би имале Прва лига со 12 тима, што би било од интерес на сите бидејќи во тој случај поголем број кошаркарски клубови би добиле „прволигашка премија“ од Законот за спортски ваучери.

Аеродромци на едно коло до крајот на прволигашката фаза од првенството имаат две победи повеќе од најблиските конкуренти, додека на дното во конкуренција за испаѓање беа Вардар, Академија ФМП и МЗТ Скопје УНИ Банка.