Кошаркарите на Работнички, барем привремено, се вратија на лидерската позиција на табелата, откако попладнево, во „Градски парк“ го совладаа директниот конкурент за највисок пласман, Блокотехна (94-77) и истовремено му се реваншираа на противникот за поразот во првиот дел од Првата лига.

Гостите подобро влегоа во мечот, имаа и плус осум по четири минути игра (12-4), по што центарци го фатија приклучокот, па се играше изедначено сѐ до средината на втората четвртина. Тогаш црвено-белите го направија клучниот исчекот, откако со серија 17-4 се одлепуја на 42-28, предност која умешно ја задржаа до самиот крај.

Чавдар Костов беше убедливо најдобриот поединец на средбата со 27 поени и осум скока, додека Марјан Јанески дополни со 17 поени (пет тројки) во тимот на Работнички. Данило Мијатовиќ со 18 поени и 10 скока беше најпрецизен кај Блокотехна.

Ова беше меч од 19. коло од Првата лига во кое претходно Гостивар убедливо го совлада Вардар, а АВ Охрид беше подобар од Шкупи.