Првакот се враќа во Скопје: Најневажното вечно дерби ќе се одигра во „ВИП Арена“!

Кошаркарите на Работнички по речиси два месеци како домаќини ќе одиграат натпревар во Скопје, но не во својот дом во Градски парк, кој останува суспендиран, туку во „ВИП Арена“ во спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што задутре ќе го пречека вечниот ривал МЗТ Скопје (20.30 часот) во меч од последното 10. коло од Суперлигата.

Ова дефинитивно ќе биде едно од најневажните, секако резултатски, пресметки помеѓу најголемите ривали во макбаскетот со оглед што веќе се решени сите дилеми околу конечниот пласман пред плејофот. Во пресрет на последното коло веќе се знае дека МЗТ Скопје ќе ја има стартната позиција број еден и во полуфиналето речиси сигурно ќе ги одмери силите со Гостивар, додека Работнички по саботниот пораз од Блокотехна ќе заврши како второпласиран и во првата фаза од доигрувањето ќе ги одмери силите токму против овој тим од Гевгелија.

Но, без разлика на немањето резултатски императив на двете страни, дуелите на скопските гиганти секогаш нудат посебен шмек и борба која е само својствена за „војните“ помеѓу сината и црвената страна на престолнината. Победата сама по себе е награда и за едните и за другите, што значи дека без разлика на сѐ треба да се очекува голема битка за секоја топка во текот на сите 40 минути.

Во останатите две средби од последната суперлигашка рунда силите ќе ги одмерат Блокотехна и Куманово како и Кожув и Гостивар. На гевгеличани им е потребна победа за да го забетонираат третото место на кое сега се наоѓаат, а со тоа и потврдат полуфиналниот дуел со Работнички.