Промените почнуваат: МЗТ Скопје се засили со крилен центар од САД (ВИДЕО)

Тоа што денеска го најавија првите луѓе на МЗТ Скопје за промени во ростерот веднаш почна и да се реализира, откако од клубот информираат дека е ангажиран уште еден кошаркари од САД и тоа 23-годишниот Феми Олуџоби.

Станува збор за крилен центар, чија главна карактеристика, според американските медиуми, е брзината и скочноста. Тој доаѓа од Литванија, каде што настапувал за екипата на Лиеткабелис, во која извесен период беше соиграч со поранешниот играч на „металците“, Стефан Синовец.

За Олуџоби ова е прва сезона како професионалец, откако мина четири во американската НЦАА-лига настапувајќи за Оукленд, АиТ универзитетот од Северна Каролина и за универзитетот Депол. Во последните две екипи настапи по една година и тоа со просек од 16,3 поени и 7,7 скока односно со 12,8 поени и 5,4 скока.

Од МЗТ Скопје потенцираат дека новиот Американец ќе има доволно време за аклиматизација со оглед што следниот натпревар го играат дури на 27 февруари и тоа дома против Динамик во склоп на АБА2. А, дотогаш би требало да се случат и најавените заминувања од сегашниот интернационален дел од тимот.