Промени кај првакот: МЗТ се „ослободи“ од двајца странци – Србин и Хрват!

Актуелниот македонски кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, го намали бројот на странци во тимот, откако денеска ја прекина соработката со српскиот интернационалец Бојан Радуловиќ и со Хрватот, Марин Морнар.

Ова беше најавен потег од управата на аеродромци, со оглед што веќе беа ангажирани нивните замени во составот. Тоа се Турчинот Рагип Атар и Американецот Феми Олуџоби, кои ќе ги пополнат позициите во рекетот на српско-хрватскиот двоец во заминување. Морнар одигра 18 натпревари во регионалното натпреварување со просек од 5,1 поени и 2,7 кока, додека Радуловиќ настапи на 11 средби со просек од 2,5 поени и 2,8 скока.

„Металците“ изминатиов период работеа десеткувани, со оглед што петмина од нив настапија за репрезентацијата на Македонија во квалификациите за ЕП 2021, во чиј стручен штаб беа и тренерот Ѓорѓи Кочов и еден од неговите помошници, Никола Велев. Сино-белите од денеска се насочуваат кон АБА2-лигата, каде што в четврток, во „Јане Сандански“, ги очекува исклучително значаен дуел против српски Динамик.