Премиерна победа на Струмица, Блокотехна го совлада Охрид

Екипата на Струмица конечно го „скрши мразот“ во Првата кошаркарска лига откако дури во седмото коло ја оствари првата победа сезонава. 

Струмичани на гостински паркет славеа против Пелистер со 86-76 во дербито на дното на табелата. Во текот на неделава грчкиот стратег Власис Влаикидис си поднесе оставка на позицијата тренер на Струмица, а тоа донесе резултат на гостувањето во Битола. Американците беа предводници на гостите. Тајлер Дил со 35 поени беше најефикасен, додека неговиот сонародник Кевин Тајнс постигна дабл-дабл ефект ос 20 поени и 10 скока. Кај Пелистер најмногу се истакна Роберт Луис со 28 поени.

Блокотехна им се врати на победите во Првата лига по минатонеделниот пораз на гости кај Работнички. Денеска тимот на Марјан Илиевски дојде до триумф на домашен терен против Охрид од 92-78. Одличната тимска игра на првата петорка на тимот беше најзаслужна за победата, бидејќи сите петорица имаа двоцифрене ефект во нападот, а најефикасен беше Бенџамин Двејд со 20 поени. Кај охриѓани одличен натпревар одигра Реми Бери со 34 поени, но овој негов индивидуален ефект не беше доволен за изненадување кај Блокотехна.