Потврда на високите амбиции: Блокотехна пред Купот се засили со поранешен центар на Партизан!

Екипата на Блокотехна на завршниот турнир од Купот на Македонија ќе влезат осетно засилени и тоа со српскиот центар Божо Ѓумиќ (27 год, 207 см), кој денеска потпишал договор до крајот на сезоната, потврдуваат од тимот од Гевгелија.

Станува збор за релативно искусен кошаркар, кој зад себе има настап и во АБА-лигата и тоа во дресот на Партизан во сезоната 2015/16 и ФМП во сезоната 2017/18. Тој деновиве треба да пристигне во Гевгелија и да одработи неколку тренинзи пред дебито в петок против АВ Охрид во четвртфиналето од Купот кој следниот викенд ќе се одигра токму во овој град.

Ѓумиќ се очекува да биде од голема помош во играта под кошевите особено што Блокотехна во моментов и нема класичен центар со оглед што тројцата високи играчи со кои во моментов располагат тренерот Марјан Илиевски, а тоа се Данило Мијатовиќ, Повилас Гаидус и Стеван Глигоријевиќ, многу подобро се снаоѓаат на позицијата „четири“.

Ангажманот на Србинот доаѓа како одговор со неколкуте слични потези на конкурентите на патот кон историскиот прв трофеј во кусата клупска историја, пред се на потписот на Предраг Самарџиски за МЗТ Скопје односно на Бојан Трајковски за Гостивар.