Поранешен кошаркар на МЗТ и Соколи ќе биде нов извршен директор на Работнички!

Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, наскоро ќе добие нов извршен директор и тоа во доскорешниот тренер на Карпош Соколи, Ангел Тасевски, кој извесен период ја имаше и функцијата спортски оперативец во таборот на „соколите“.

Станува збор за поранешен кошаркар на МЗТ Скопје, АМАК СП, Вардар и на Карпош Соколи, каде што мина најголем дел од својата играчка кариера. Сезонава ја почна како асистент на Борче Даскаловски на клупата на актуелниот освојувач на Купот на Македонија, но извесен период мина и како прв стратег по финансиската криза која го зафати овој тим.

Тасевски на спортската јавност кај нас е познат и по куриозитетот од сезоната 2011/12, кога екипата на Вардар за која настапуваше тогаш мораше да плати дури 2.100 евра на име на казни за неговите шест технички грешки во текот на сезоната.

Веста за неговото преземање на кормилото на Работнички веќе подолго време кружи во кошаркарските кулоари, а се очекува наскоро да биде официјализирана и тоа со одлука на советот на општина Центар, која е сопственик на 14-кратниот шампион.

Од Тасевски се очекува да донесе свежина во помалку заспаната управа на црвено-белите во обидот да се прекине доминацијата на МЗТ Скопје и враќање на шампионскиот пехар во „Градски парк“.