Поради трагедијата кај Карпалак: Купот на Македонија одложен за во април!

Завршниот турнир од Купот на Македонија во кошарка, кој требаше да почне утре во Гевгелија, а да кулминира в недела со големото финале, дефинитивно е одложен и ќе се одигра во месец април во термин кој Македонската кошаркарска федерација (МКФ) дополнително ќе го одреди.

„Трагична сообраќајна несреќа синоќа ја зави Републиката во црно. четиринаесет лица го загубија животот меѓу кои и млад кошаркар од клубот Гостивар. Поради новонастанатата ситуација Македонската кошаркарска федерација во согласност со организаторот донесе одлука да го одложи завршниот турнир од Купот на Македонија кој требаше да се одигра претстојниот викенд. Ниту еден збор нема да биде доволна утеха за блиските на настраданите. Искрено сочуство до семејствата и пријателите на загинатите“, се вели во соопштението на МКФ.

Причина за ваквата одлука на Куќата на кошарката е големата трагедија која синоќа се случи на автопатот Скопје-Тетово кај месноста Карпалак во која загинаа 14 лица, а повеќе од 30 се повредени од кои шестмина се во тешка состојба. Меѓу загинатите е и Јовица Трпевски, кошаркар на вториот тим на Гостивар, екипата која треба да настапи на куп-завршницата и која побара безусловно одложување на овој настан. Луѓето од овој клуб се најмногу потресени од оваа несреќа со оглед што сите повредени и загинати се нивни сограѓани односно жители на Гостивар.