Кошаркарите на МЗТ Скопје очигледно најдоброто го чувале за најважната средба во досегашниот дел од сезоната, откако денеска одиграа феноменално на гостувањето кај Задар (89-83) во првиот дуел од баражот за АБА, со што се најдоа на чекор до остварување на примарната цел, враќање во јадранската елита.

Аеродромци беа неверојатни во нападот во првото полувреме, за што доволно говори фактот што постигнаа дури 57 поени, шутот за три поени им функционираше беспрекорно (седум тројки), а во одбраната беа максимално борбени што резултира со голем број украдени топки. Сино-белите клучната серија ја направија уште во првите минути од средбата, кога по стартната тројка на противникот постигнаа десет поени во низа, за брзо потоа да дојдат и до првата двоцифрена предност (17-5).

Притисокот на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов продолжи и до крајот на периодот, во кој имаа и огромни плус 15 (28-13), со што буквално ги примораа домашните навивачи да ги навредуваат своите миленици. Поранешниот капитен на Задар сега беше локомотива на МЗТ Скопје, за што доби и овации од трибините, што, пак, не им пречеше на гостите да продолжат да го полнат кошот на Задар, за првпат да ја минат границата од плус 20 веќе во 14. минута од средбата (44-24).

Во овој стил се продолжи и во третиот период, во кој тимот од Аеродром дојде и до највисока предност од 25 поени (72-47). Потоа следуваше период во кој тренерот на македонскиот тим мораше малку да ги одмори носителите на играта, што домаќинот делумно го искористи и со серија 22-9 да намали на негатива од само 12 поени (69-81) точно на средина од последната четвртина.

До крајот задрани тргнаа на сѐ или ништо, погодија неколку тешки тројки и сериозно се доближија до МЗТ Скопје, чии кошаркари, сепак, успеаја да го издржат крајниот налет и дома да си заминат со огромна победа.

Андрија Бојиќ со 24 поени и осум скока беше најдобар во составот од „Јане Сандански“, а за одбележување е фактот што од линијата за слободни фрлања имаше 8/8 иако не важи баш за прецизен шутер од оваа позиција. Веднаш зад него беше Џејмс Вудард со 22 поени (4/4 за тројка и седум скока, Иванов средбата ја заврши со 19 поени (7/7 за 1п).

Следниот меч од серијата која се игра до две победи е закажана за следниот вторник во Скопје.