Кошаркарите на МЗТ Скопје по 14. пат ќе играат во големото финале од Купот на Македонија, кој од годинава го носи името на легендарниот Благоја Георгиевски-Буштур, откако лесно и убедливо славеа во денешното прво полуфинале против Академија ФМП (92-72), тимот кој вчера сензационално го елиминира Пелистер.

Аеродромци сериозно го сфатија натпреварот и не дозволија да бидат шокирани како големиот ривал од Битола, па утре ќе играат за јубилејниот десетти трофеј во ова натпреварување. Мечот беше неизвесен само во првата половина од воведната четвртина, по што сино белите со серија 20-3 дојдоа до првото двоцифрено водство (28-16), кое потоа само го зголемуваа и одржуваа до самиот крај.

Андрија Бојиќ со 18 поени со само едно промашување од поле (6/7) беше најпрецизен кај „металците“, додека Кристијан Николов постигна 14 поени (4/6 за тројка). Најпрецизен кај ФМП беше Стефан Крстајиќ со 29 поени.

Противник на МЗТ Скопје во големото финале ќе биде подобриот од денешното второ полуфинале помеѓу Еуро Никел и Работнички (19.30 часот).