По заканата за смена: Антиќ смислил план за старт на Првата лига, ама ќе го објави - задутре!

Заканата од клубовите со смена ако итно не донесе решение за стартот на новата кошаркарска сезона, како да вроди со плод, откако првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, денеска објави дека се работи на наоѓање на решенија кои би ги задоволиле прволигашите и дека тие би биле објавени в четврток.

Рокот кој му го даде Здружението на прволигашите истекува утре, но за очекување е и ваквото пролонгирање само за еден ден од страна на предводниците на макбаскетот да ги задоволи членовите на кошаркарската елита, кои се револтирани што кошаркарскиот спорт е единствен во државата што сѐ уште не е почнат со натпревари. В

„Во врска со наводите изнесени во медиумите, не и до федерацијата, како што беше досегашната пракса, од страна на претседателот на Здружението на Првата лига-мажи, сакаме да ги информираме сите клубови и јавноста дека решенијата поврзани со почетокот на натпреварувањето ќе ги добијат во четврток“, се вели во краткото соопштение на Перо Антиќ.

Во опција се играње според системот дома-гости, но и турнирски, што е опција која е прифатлива за клубовите, но со претходен договор за начинот на кој ќе бидат покриени трошоците за организација на т.н „балон“.