По скоро две децении: Перо Антиќ повторно ќе го облече дресот на Работнички!

Најтрофејниот македонски кошаркар на сите времиња и троен европски шампион, Перо Антиќ, утре (18 часот), по пауза од скоро две децении, повторно ќе го облече дресот на Работнички како дел од составот на ветераните на овој клуб кој ќе одигра натпревар од хуманитарен карактер против првиот тим на центарци.

Средствата кои ќе бидат собрани од овој настан се наменети како помош за Ирена Танчева, 25-годишна мајка на две деца, која на 27 април минатата година имаше тешка сообраќајна несреќа по која остана неподвижна. Билетите нема да се наплаќаат, туку ќе се делат бесплатно пред салата „Градски парк“, а ќе бидат поставени кутии за донации според принципот „кој колку може“ од кои целиот приход ќе оди за нејзиното лекување во Русија со матични клетки по кое таа би можела повторно да застане на свои нозе.

Покрај Антиќ, кој првите кошаркарски чекори ги направи токму во Работнички (1999-2001 година) по што имаше блескава кариера со три титули европски шампион и две сезони минати во НБА, во составот на ветераните ќе настапат уште многу други имиња кои освоија многу шампионски трофеи во црвено-белиот дрес. На паркетот, меѓу другите, ќе се појават уште и Тодор Гечевски, Горан Веселиновски, Марјан Србиновски, Ристе Стефанов, Тони Симиќ, Борис Нешовиќ, Перо Блажевски додека овој ветерански состав од клупата ќе биде предводен од легендата на македонската кошарка, Лазар Лечиќ.

Носител на овој хуманитарен проект е општина Центар, која воедно е и сопственик на акционерското друштво Работнички, од каде што апелираат до сите спортски вљубеници и хумани луѓе да дојдат во „Градски парк“ и истовремено да уживаат во мајсториите на паркетот и во рамки на своите можности да помогнат околу лекувањето на 25-годишната Ирена за таа конечно да може да застане на своите нозе.