По двајца кошаркари на МЗТ и Работнички приморани да „одиграат“ трето полувреме!

Вечерашното вечно дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички со последниот звук на сирената не значеше крај за сите актери на теренот, туку по двајца од двата тима мораа да заминат и да „одиграат“ и – трето полувреме.

Причина за тоа е ненајавениот допинг-тест за кој по случаен избор беа извлечени Љубомир Младеновски и Џејмс Вудард од домашниот тим како и Чавдар Костов и Димитар Караџовски од гостинската екипа. Четворицата кошаркари беа задржани од Антидопинг комисијата при Македонскиот олимписки комитет (МОК), па од салата „Јане Сандански“ ќе може да си заминат дури откако ќе го дадат потребниот примерок за тестирање.

Ова првпат сезонава да има антидопинг-контрола на кошаркарски натпревар, нешто што е предвидено и со Пропозициите за натпреварување на МКФ.