Плејмејкер со НБА-искуство ќе ја организира играта на Куманово (ВИДЕО)

Екипата на Куманово во новата сезона влегува со нов тренер, Владимир Мирковски и со амбиции за највисок пласман, што се потврдува и со најновото американско засилување, Џош Селби, поранешен играч на Мемфис Гризлис од НБА-лигата.

Станува збор за член на повеќекратниот шампион во НЦАА-лигата, Универзитетот Канзас, кој во најсилната лига на светот влезе во 2011 година како избор од втората рунда на драфтот. Во дресот на „гризлите“ одигра 38 средби во две сезони, по што по извесен период минат во развојната НБДЛ-лига премина во Кливленд кавалирс, а потоа во далечната Кина. Во 2014 година извесен период настапуваше за Цедевита, а играше и во Израел.

Во таборот на кумановци пристигнува од Кореја, каде што беше еден од најквалитетните странци.