Петровиќ: Пелистер нѐ потцени, ама ние изгоревме на теренот и ги – казнивме!

Кошаркарите на Академија ФМП го направија најголемото изненадување уште на стартот на завршниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, откако по голема борба го елиминираа најдобриот тим во дсоегашниот дел од сезоната, Пелистер.

Овој голем триумф за составот од Кисела Вода секако дека донесе насмевка на лицето на тренерот Александар Петровиќ, според кого победникот го реши огромното срце на неговите избраници.

„Сигурно дека имаше и некое потценување од страна на противникот, со оглед на двете нивни победи во првенството досега. Моите момци го оставија срцето, изгореа на теренот и заслужено победија. Исполнивме сѐ што договоривме пред мечот, го исконтролиравме нивниот скок, ја запревме транзицијата, имавме контрола во нападот, а и контрола над резултатот. Му честитам на Пелистер за борбата, сигурно и тие да победеа ќе беше заслужено. Ова е една е нашите најдобри партии сезонава. Сега следува да се смириме, да одмориме и со ладни глави да одиме во нова победа во полуфиналето без разлика со кого ќе играме“, изјави Петровиќ.

Пелистерци во Скопје дојдоа со амбиција да го кренат пехарот, но неочекувано веднаш се вратија во Битола. ФМП во утрешната полуфинална пресметка ќе ги одмери силите со победникот од дуелот помеѓу МЗТ Скопје и Куманово (19.30 часот).