Петар Наумоски со пари од КФСМ си плаќал магацински простор за приватни цели?!

Раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) на денешната средба со новинарите објави одредени детали од Ревизорскиот извештај кој беше направен за работата на Куќата на кошарката во 2018 и дел од 2019 година, меѓу кои има и одредени нелогичности поврзани со работата на претходниот претседател, Петар Наумоски.

Според генералниот секретар Владимир Георгиевски, извештајот е направен чисто за да знаат каде влегуваат и со соочуваат при влегувањето во федерацијата, без желба за некаков реваншизам. Но, тоа не значи и сокривање на одредени проблеми кои излегле на површина како што се трошење државни пари за приватни цели.

„Ревизорите пронајденоа случаеви во кои федерацијата плаќала магацински простор на поранешниот претходниот предводник на КФСМ, кој го користел за приватни цели во износ од околу 500-600 евра месечно. Во моментов не сме известиле државни органи за пропустите најдени во ревизијата, но тоа не значи дека во иднина тоа нема да се направи“, изјави Георгиевски.

Главна причина за целиот ревизорски процес е неправилното односно никакво примопредавање помеѓу федерациите, а не тенденција за некакви обвинувања на претходниците.

„Сакавме да се направи пресек на тоа со што затекнуваме, да знаеме на што сме. Најмена беше приватна ревизорска куќа, која виде неколку работи односно неправилности. Една од тие е што во текот на работата е што нема записници околу примопредавање на опремата односно белешки за магацинското работење. Поради тоа е задолжено лице за контролирање на опремата, колку е влезено, колку и кому е дадено за да нема вакви проблеми. Фактура за сместување платена на адвокатска компанија и слични проблеми. Двапати платен семафор, откако првиот пат парите наводно биле хакирани и други слични работи“, дополни првиот оперативец на КФСМ.

Перо Антиќ и соработниците истовремено демантираа дека затекнале 10 милиони денари на сметка кога влегле во КФСМ како што тврдеа нивните претходници, а потенцираа проблеми со смената од функциите на спортскиот директор и на генералниот секретар од претходната раководна гарнитура.

„Како и секое раковдство сакавме со нов тим да ја почнеме со нов тим, но имавме големи проблеми за да ги смениме луѓето кое претходно ја вршеа функцијата спортски директор и генерален секретар. Тоа особено се однесува на Владимир Темелковски, од кого деновиве добивме тужба за да го вратиме на работа иако претходно три месеци добиваше плата од 1.000 евра заедно со стариот генерален секретар“, изјави Антиќ.

Поранешниот троен европски шампион информира и дека клубовите по подолго време добија бесплатни топки за да се исполни целта за унифицирање, а не како што било досега да се игра со различни баскети во секоја сала.