Петар Наумоски предложен за „министер“ во кошаркарската влада на Европа!

Македонската кошаркарска федерација (МКФ) го предложила првиот човек на макбаскетот, Петар Наумоски, за член на највисокиот орган во европската кошарка, Бордот на ФИБА Европа или описно кажано да биде „министер“ во кошаркарската влада на Европа.

Оваа вест некако полутаинствено и прикриено меѓу другите помалку важни информации и без да биде споделена на социјалните мрежи, беше објавена денеска во склоп на извештајот од вчерашниот составот на Управниот одбор на МКФ, кој традиционално се одржува без присуство на медиумите.

„Календарска 2019 година е изборна година во ФИБА Европа, поради што е доставено до сите национални кошаркарски федерации да предложат свои членови за комисиите кои работат при ФИБА. МКФ реши да ги предложи Моника Гаврилоска за член на Комисијата за младинска кошарка, Ѓорѓи Пиперков за член на Техничката комисија и Петар Наумоски за член на Бордот на ФИБА Европа“, се вели во штурото објаснување во Куќата на кошарката.

Ова ќе биде втор обид еден Македонец да се најде во кругот луѓе кои решаваат за судбината на европската кошарка и тоа 13 години по својот претходник во МКФ, Даниел Димевски, кој требаше да биде дел од „владата“ на тогашниот претседател на ФИБА Европа, Гркот Јоргос Василокопулос. Сегашниот советник за спорт на премиерот Зоран Заев тогаш не го доби потребниот број гласови и остана со „празни раце“, а истото му се случи и во 2014 година кога имаше неуспешен обид да дојде до местото претседател на ФИБА Европа.

Останува да се види само дали Наумоски би бил „министер“, секако ако биде избран, од позицијата претседател на МКФ со оглед што и тој самиот се соочува со Изборно собрание кое мора да биде одржано годинава, а на кое сигурно ќе има сериозно противкандидати меѓу кои се споменуваат тројниот европски шампион Перо Антиќ и актуелниот спортски директор во Куќата на кошарката, Владимир Темелковски.

Добивањето место во Бордот на ФИБА Европа е голема чест за секој кошаркарски работник, со оглед што во моментов на оваа функција работат легенди како Дејан Бодирога, Олександр Волков, Дино Менегин и Андреј Кириленко.