Перо Антиќ му „дише во врат“ на Наумоски! (ФОТО)

Првото вечно дерби сезонава помеѓу МЗТ Скопје и Работнички донесе повеќе од солидно пополнети трибини во „Јане Сандански“ и интересна ситуација во ложата, каде што речиси еден до друг се најдоа двајцата најдобри македонски кошаркари на сите времиња – Перо Антиќ и Петар Наумоски.

И, ако во некоја друга држава тоа и не би било кој знае каква вест, кај нас тоа предизвика внимание со оглед на анимозитетот кој владее помеѓу нив. Двајцата во многу наврати се препукуваа со соопштенија и преку социјалните мрежи, а Антиќ не пропушта ниту една шанса да го „пецне“ некогашниот соиграч, а сега претседател на МКФ, за секој чекор направен кој според него не е правилен.

Во своето можеби прво појавување во новата сала во Аеродром тој се најде еден ред над популарниот Пеце, па шеговитите коментари на трибините беа дека му „дише во врат“ на човекот кому му го „украде“ приматот на македонски кошаркар со најмногу европски титули.