Перо Антиќ ги одработува последните три месеци како прв човек на КФМ?!

Перо Антиќ речиси сигурно влегува во последните три месеци како претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), дознава „Спорт1.мк“, со оглед што веќе одамна постои критична маса меѓу клубовите за негова итна смена, веднаш чим минат две години од назначувањето, кога, според Стаутот, ќе може на дневен ред на Собранието на Куќата на кошарката да се стави точка за изгласување негов импичмент.

Поранешниот репрезентативец ужива во придобивките на промените во актите од страна на неговиот претходник Петар Наумовски, кој воведе правило дека не може да се бара смена на претседателот во првите две години од мандатот. Да не беше тоа, Антиќ и до сега, повеќе од сигурно, ќе се соочеше со барање за заминување од Куќата за кошарката, со оглед на незадоволството кое ќ се јави кај членовите кои го избраа, а кои многу брзо се разочараа од неговото владеење.

Најголем револт кај клубовите, во последно време, направи немањето желба и знаење кај челниците на КФМ да го почнат натпреварувањето во младинските категории, поради што илјадници таленти ширум државата немаат можност за напредување. Ниту минатата сезона не беше довршена во оваа конкуренција, иако Антиќ и соработниците на располагање имаат сала дадена на користење од државата, која не беше искористена за тоа за што им беше отстапена. Тие бомбастично најавија дека во СРЦ „Кале“ ќе се игра по 24 часа на ден, но сето тоа остана само на зборови.

Исто така, еден од големите пропусти на сегашното раководство на КФМ е фактот што втора година по ред не е организирана завршницата од Купот на Македонија. Годинава таа беше предвидена во календарот во периодот од 12-14 февруари, како и секаде во Европа, но тивко, без никакво објаснување, беше ставена во втор план и сигурно нема да се одржи со оглед што репрезентацијата веќе почна со подготовки. Реакциите на членките на Собранието и на јавноста не се поради тоа што е даден приоритет на националниот тим, туку што првите луѓе на макбасетот не најдоа за важно да дадат било какво објаснување или да излезат во јавноста со некакво објаснување за одложувањето на ова, некогаш најмасовно натпреварување. Тоа, од многумина, е сфатено како своевидна ароганција и немањето желба да се соработува со тие што избираат и од кои всушност зависи и македонската кошарка – клубовите.

Ова се само две грандиозни забелешки на работата на Куќата на кошарката во овој состав, додека во нивниот мандат има и уште еден куп помали, но не и понезначајни пропусти и непотребни смени на функции на луѓе кои добро си работеа, но кои не му беа од ќеиф на предводникот на македонската кошарка.

Антиќ на чело на КФМ дојде на 15 мај 2019 година, што значи дека првата можност за негов импичмент е точно за три месеци. Во кулоарите веќе се шпекулира со имиња на евентуалните кандидати за негов наследник, па останува да се види дали обидот за негова смена ќе се случи точно на двегодишнината од неговиот избор или на крајот од актуелната сезона, со цел да не се прават турбуленции додека трае борбата за титула.

И.К.