Најтрофејниот македонски кошаркар, Перо Антиќ, беше главната ѕвезда на вечерашниот прв тренинг на прволигашот Гостивар, кој со големи амбиции влегува во новата сезона.

Поранешниот репрезентативец сѐ уште нема клуб, а додека не реши каде ќе ја продолжи кариерата ќе тренира со гостиварскиот клуб, во кој е и еден од акционерите. Антиќ минатата сезона играше во Црвена звезда како позајмен играч на Фенербахче, но засега нема најава дека ќе остане во Белград или, пак, дека ќе продолжи во друга средина.

Гостивар беше едно од двете најпријатни изненадувања во минатата сезона, заедно со Блокотехна, не толку со крајниот пласман туку со кошаркарската еуфорија во овој град, каде што трибините во салата „Младост“ најчесто беа претесни да ги примат сите заинтересирани. Управата ги задржа македонските носители на играта како Диме Тасовски и Ивица Димчевски, а ангажирани се и двајца Американци, Карем Канти и Џо Фурстингер.