Пелистер со нов тренер, искусен центар и двајца Американци ќе брка Суперлига!

Пласман во Суперлигата односно избегнување на грчевитата борба за опстанок е желбата на управата на кошаркарскиот прволигаш Пелистер во пресрет на новата сезона за која денеска и официјално почнаа со подготовки.

Нов тренер на битолчани е повратникот Предраг Созовски, а тимот засега е засилен со Американците Тај Харис и Фил Рендолсм искусниот центар Мико Голубовиќ како и поранешниот талент на МЗТ Скопје, Михајло Арсоски. Најавено е и дека се преговара со најдобриот поединец од минатата сезона, Гоце Анакиевски.

„Сакам да се заблагодарам за довербата и поддршката која ми ја даде управата на клубот, во кој работев пред десет години кога само за кус период имавме големи амбиции.Се враќам со иста идеја, со иста цел, а тоа е прво да го стабилизираме клубот на сите нивоа, почнувајќи од базата – младинските школи до првиот тим. Имаме стабилен буџет, што е добро, но за прволигашки услови е скромен, сепак, имаме надеж дека ќе биде подобро. Формиравме екипа, која со добра работа, достојно ќе им се спротистави на сите екипи во лигата, што нема да биде ни малку лесно. Според мене лигата ќе биде послаба од лани по новите правила, но тоа не значи дека нема да има квалитетни странци“, изјави тренерот Созовски.

Претседателот на Пелистер на денешната прес-конференција потенцира и дека клубот никому не должи од минатата сезона, односно дека битолчани се еден од ретките прволигашки без опашки од минатото.

ФОТО: ТВ Тера