Пелистер се засили со искусно крило кој има сребро и бронза со Србија!

Додека вниманието на кошаркарската јавност е вперена во Куќата на кошарката и Перо Антиќ, во таборот на Пелистер продолжуваат со ангажирање засилувања за новата сезона, како потврда на високите амбиции на управата на овој тим.

Од денеска, нов член на битолчани е исклусниото крило Никола Малешевиќ (31 год, 202 см), кој има играно за повеќе српски екипи како и тимови од Полска (Сласк и Кошалин) и од Романија (Стеауа и Волунтари). Станува збор за поранешен српски репрезентативец, кој има сребрен медал од Медитеранските игри во 2013 година, како и бронза освоена на Универзијадата истата година. Доаѓа од српскиот прволигаш Златибор, каде што ја почна актуелната сезонa, а со тимот на Металац пред пет години играше против МЗТ Скопје во АБА-лигата.

Зелено-белите, кои сезонава се предводени од тренерот Марјан Илиевски, веќе ги имаат ангажирано Американците Чаз Вилијамс и Џалил Абдул-Басит, како и Србинот Игор Кесар. Претходно во тимот беше и Џастин Мартин (САД), но тој беше отпуштен.