Пелистер рутински против „штркчињата“, злато вредна победа за Вардар (ФОТО)

Кошаркарите на Пелистер без никакви проблеми, лесно и убедливо, како гости го совладаа младиот состав на МЗТ Скопје УНИ Банка (95-81), со што само се зацврстија на лидерската позиција на прволигашката табела и тоа со скор 11-2.

„Штркчињата“ од Аеродром почнаа амбициозно и поведоа со 6-2, но потоа далеку поискусните гости заиграа на свое ниво и со серија 13-1 го презедоа водството (15-7), кое умешно го одржуваа до самиот крај. Битолчани кон крајот на третиот период дојдоа и до највисоките плус 25 (81-56), по што ја спуштија топката и го намалија ритамот, што аеродромци го искористија речиси да го преполоват водството на противникот. Игор Кесар со 25 поени и Бојан Трајковски со 20 поени и 13 скока беа најдобри кај зелено-белите од Битола, додека Роберт Монтгомери со 27 поени и 12 скока и Андреј Андоновски со 14 поени и седум скока беа најпрецизни кај МЗТ Скопје УНИ Банка.

Екипата на Вардар, пак, дојде до злато вредна победа во борбата за опстанок, откако на домашен терен го совлада тимот на Кожув (95-86). Тоа беше наполно заслужен триумф на аутсајдерот, кој почна фантастично и по само неколку минути дојде до 14-2, водство кое им даде крилја на црвено-црните и сили да го задржат до последниот звук на сирената. Американецот Диксон со 20 и Хрватот Радош со 16 поени беа најефикасни кај вардарци, додека Никола Силаџи со 32 поени и 12 скока беше најсветла точка кај гевгеличани.

За Вардар ова беше трета победа во 12. меч со што се „одлепи“ од вториот тим на МЗТ, кој има скор 2-10. Најлош во моментов е Црн Дрим со 1-14.