Пелистер ептен силен во Чаир, Гостиварци немилосрдни кон Фени индустри

Кошаркарите на Пелистер остварија исклучително важна победа во борбата за опстанок и тоа како гости кај директниот ривал Шкупи (86-81) додека амбициозниот Гостивар немаше проблеми во пресметката со драстичниот ослабениот поради финансиската криза Фени индустри (92-59).

Битолчани во првиот меч од вториот дел од првата фаза на Првата лига дојдоа до третата победа, пред сѐ поради далеку подобрата игра во првите 25 минути од средбата. Зелено-белите двоцифрена позитива обезбедија уште во првата четвртина (22-12), а кон средина на третиот период имаа и највисоки плус 16 (56-40). Скопјани запнаа во финишот, дури и поведоа со 74-73, но на тоа застанаа.

Ѓорѓи Анакиевски беше јунакот во таборот на Пелистер со 30 поени односно осум тројки со само две промашувања. Роберт Луис оствари дабл-дабл ефект со 17 поени и 10 скока додека Илиевски и Фунденбург постигнаа по 11 поени. Новакот Џонатан Догбо со 22 поени беше најпрецизен кај Шкупи.

Гостиварци уште во првата четвртина (29-13) го решија прашањето околу победникот во пресметката со кавадарчани. Најдобри беа плејмејкерите, Јосип Сигариќ средбата ја заврши со 26 поени додека новоангажираниот Андреј Магдевски дополни со 21 поен. Јане Петровски со 18 поени беше подобар од останатите кај Фени.

Претходно, во првиот меч од 12. рунда, Блокотехна лесно и убедливо го совлада Кожув (91-54). Подоцна вечерва играат АВ Охрид и Струмица односно Работнички и Куманово, а колото ќе се заокружи в среда кога МЗТ Скопје ќе го пречека Карпош Соколи.