Пелистер ангажира поранешен талент на Макаби ТА со прекар – Калашников

Екипата на Пелистер максимално амбициозно му пристапи на летниот периоден рок, па по неколкуте домашни засилување го ангажира и првиот странец и тоа поранешен талент на големиот Макаби Тел Авив и младински репрезентативец на Израел, Антон Казарновски (34 год, 206 см).

Станува збор за искусен крилен центар, чија главна карактеристика е брзиот, но и максимално прецизен шут од далечина, поради што уште од младинските денови го има прекарот „Калашников“. Тој веќе има искуство од настап во македонското првенство со оглед што во минатото ги носеше дресовите на Карпош Соколи односно на Блокотехна.

Казарновски во Битола доаѓа од грчкиот второлигаш Аполон Патра, каде што заврши по кусата епизода во српскиот прволигаш Слобода Ужице.

Зоран Тодоровиќ ќе остане тренер на Пелистер и во следната сезона, а засега како нови кошаркари се ангажирани Андреј Цветковски од Вардар и Јетмир Зекири од Кожув. Ќе бидат задржани Михајло Арсовски и центарот Мико Голубовиќ, а најавено е и останување на најдобриот во минатото првенство, Американецот Билер.