Пеколна последна четвртина: Блокотехна со чудесен пресврт осми пат по ред го совлада Кожув!

Кошаркарите на Блокотехна и понатаму остануваат непоразени во градското дерби, откако вечерва, како гости, во последниот меч од 8. коло од Суперлигата, со чудесен пресврт во последната четвртина осми пат по ред го совладаа тимот на Кожув со 93-84.

Ова е исклучително значаен триумф за гевгеличани со кој се вратија на третата позиција на табелата на две кола пред стартот на плејофот и тоа со една победа повеќе во однос на директниот конкурент Гостивар. Тимот предводен од Марјан Илиевски направи серија 20-3 во четвртиот дел од натпреварот со која негативата од минус осум (65-73) ја претворија во убедлива позитива (85-76) која потоа умешно ја задржаа до самиот крај.

Домашниот тим овој пат беше најблиску до триумф во сите претходни дуели кои ги загуби од градскиот ривал, но снема сили во финишот, нешто слично како и на дуелите против МЗТ и Работнички во претходните две кола, кои ги загуби на сличен начин.

Јунак во победничкиот табор беше Кенет Фундерберг, кој средбата ја заврши со неверојатни 40 поени, додека Божо Ѓумиќ додаде 19 поени. Еван Пејн со 21 и Игор Кесар со 19 поени беа најдобри кај Кожув.

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 25-3, Работнички 23-5, Блокотехна 20-8, Гостивар 19-9, Кожув 13-15, Куманово 11-17 (-1).