Пеце си „купи“ две години: Се потврди дека барањето за промени не беше спортски мотивирано!

Видливо беше доброто расположение кај Петар Наумоски по вториот неуспешен импичмен во само 12 месеци, откако денеска ја доби битката со иницијаторите за промени предводени од Владо Илиевски и Зоран Дамјановски-Циц на Вонредното собрание на МКФ.

Гласањето беше тајно, а резултатот беше 16-14 за доверба на актуелното раководство.

„Во изминатиот период кажав дека желбата за промена не е на клубовите, туку на индивидуи кои ги собираа и лобираа клубовите да дојдеме до нешто што не ни беше потребно. Пред само 12 месеци имаше гласање за доверба, а во тој период не се случи ништо драстично за да се бараат нови промени. Немаше турбуленции, проблеми во лигата, а репрезентацијата победи на два меча. Влијанието на самото раководство се гледа погрешно, нема наше влијание кај резултатите на сениорите и младинците. Правиме напори, но сѐ доаѓа од клубовите. Тие ни даваат 'готов производ', а ние му даваме можност да се натпреварува со другите од Европа“, изјави Наумоски.

Згора на тоа, популарниот Пеце издејствува гласање на точка со чие усвојување си „купи“ две мирни години во кои никој не може да побара негова смена. Тоа ќе важи и за идните предводници на МКФ

„Гласањето и усвојувањето на точката за проверка на довербата на минимум две години беше направено поради нашето искуство во изминатите две години. Би сакал да истакнам и голема благодарност до Владата за дадената поддршка, имаме пред извесен период состанок. Без двосмисленост, тие се изјаснија дека спортот треба да биде поддржуван од сите ако сакаме да имаме професионализам во спортот и успеси“, дополни Наумоски.