Пеце ги опомена Антиќ и Темелковски: Немојте да ме натерате пак да се кандидирам!

Претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Петар Наумоски, имаше остар монолог на денешниот состанок на Здружението на прволигашите, на кое побара да се издвои кошарката од претстојното Изборно Собрание на Куќата на кошарката, за да се има мирна завршница на првенството.

Истовремено имаше пораки за двајцата, сега веќе официјални претенденти за неговата функција, Перо Антиќ и Владимир Темелковски, искажани на различен начин. Тој уште при влегувањето на состанокот имаше вербален судир со актуелниот спортски директор, од кого побара да ја напушти просторијата бидејќи бил на годишен одмор. Темелковски прво категорично сакаше да остане за да ги следи случувањата најавувајќи дека ќе го направи тоа што од него го бара Наумоски (прекин на одморот), но потоа ретерира и си замина пред седницата воопшто да почне. Причина за тоа, според слушнатата комуникација на Пеце со генералниот секретар Моника Гавриловска, е подготвениот отказ кој првиот човек на МКФ го има за својот доскорешен прв соработник, најверојатно поради неговата желба да дојде на негово место, а кој не може да биде активиран додека тој е на одмор.

Пораката за Антиќ, пак, беше индиректна, преку потенцирање дека знае кој стои за притисокот кои неколку суперлигашки екипи го правеа кон него изминатиов период, а кои се блиски до тројниот европски шампион.

„Гостивар и Работнички прават сѐ да биде црно исклучиво поради еден човек (мислејќи на Антиќ-н.з.), кој има блиски односи со двата клуба. Не фаворизирам никого, само сакам мирен финиш на шампионатот. Не барам да ме сакате, туку да ме почитувате. Сите може да проверите дека МКФ работи перфектно, без непотребни трошоци. Дури ниту јас не можам да потрошам сто денари надвор од тоа што е предвидено од актите. На што личи навивачи да ми се јавуваат на телефон и да ми се закануваат. Немојте да ме натерате повторно да се кандидирам за претседател“, изјави Наумоски.

Претставникот на Работнички, кој овој пат беше градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, побара од Наумоски информација за кога планира да закаже Изборно Собрание со оглед што мандатот му завршува следниот месец. Пеце потенцира дека тоа мора да биде само во тековната година без конкретни рокови, додека центарци, а и дел од останатите клубови сметаа дека тоа мора да биде веднаш по крајот на четирите години.

Засега нема конкретни најави кога би се гласало за неговиот наследник, иако неофицијално се шпекулира дека тоа би можело да се случи кон средината на јуни.