Парк останува „под клуч“: Работнички ќе игра во „Борис Трајковски“!

Управата на Работнички очигледно мирно ја прифати суспензијата на салата „Градски парк“, која според МКФ не ги исполнува стандардите за средби од Суперлигата, па без многу драма и срцепарателни соопштенија како домашен терен ја пријавија „ВИП арената“ во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Центарци првиот домашен суперлигашки меч го закажаа за задутре против Кожув (18 часот), но тоа нема да им биде прв дуел во арената во населбата Карпош каде што беа домаќини на неколку средби против МЗТ Скопје пред четири-пет години кога двете екипи прифатија своите меѓусебни средби да ги играат во овој објект.

Останува да се види дали одлуката да играат во „Борис Трајковски“ ќе биде дефинитивна до крајот на сезоната или, пак, ова е привремено решение пред утрешниот состанок на Здружението на прволигашите на кој се очекува да се разговара и на оваа тема.