„Овие играчи не го заслужуваат дресот на Работнички, тие се само резервисти без срце!“

Еден од најубедливите порази во историјата на клубот предизвика вистински земјотрес во таборот на Работнички, чиј тренер Марин Докузовски удри со сета сила по своите избраници по газењето во првиот финален меч со МЗТ Скопје (44-80).

Според искусниот стратег, тој немал лидери во тимот, туку тоа се само играчи кои можат да бидат само резерви. Докузовски им забележува на немањето срце да играат одбрана и на не мотивираноста да го спречат противникот да ги понижи.

„Добро го отворивме натпреварот, иако се почувствува дека кошаркарите на МЗТ имаат поголем притисок кај нив во играта, но ние не го искористивме тоа за да направиме поголема разлика во првата четвртина. Како што одминуваше натпреварот се виде дека сме изморени. Немаме играчи за ротација, а кога немате ден, може да се случи ова. Промашивме многу шутеви, а МЗТ играше константно. Кога ќе ја погледнете разликата, не е адекватна на шутевите. Меѓутоа, едно што ме разочарува е кога се игра финале, може да не ти оди шут, но мора да играш одбрана. Овие играчи на Работнички не заслужуваат да бидат во тим каков што е Работнички. Кога овие два тима играле финале, имало играчи со послаби квалитети, меѓутоа беа борци. Не покажавме заби кога не ни одеше нападот, не игравме одбрана. Мора да ги обвинам играчите, затоа што тие покажаа дека се за резерви. Не се за прва екипа. Во финале мора да имаш носители на игра. А денес, тоа го немавме. Како да заврши првенството за нас со победата над Блокотехна. Најмногу ми е срам што ние се предадовме. Јас такви играчи не почитувам. Ние се бориме да играат повеќе македонски играчи, оваа година играме без странци со исклучок на Чавдар Костов. Е, сега видете дали македонските кошаркари го заслужуваат тоа. Јас сум долго време во кошарката. Не сме играле само со МЗТ, туку и во Европа, со посилни и послби екипи. Ваков пораз не сум доживеал. Нервозен сум затоа што во одбраната немавме срце. Мислевме дека претходно проблем е салата, меѓутоа не било тоа така.“, изјави Докузовски.