Ова го нема ниту во НБА: МЗТ и Блоко за 30 дена би можеле да одиграат вкупно 25 меча

Екипите на МЗТ Скопје и Блокотехна, кои во моментов се лидерски двоец на табелата во Првата лига, се наоѓаат пред пеколен период во кој максимално би можеле да одиграат дури 25 натпревар во следните 30 дена до завршниот турнир од Купот на Македонија.

Сино-белите од Аеродром од утре, кога на домашен терен ќе го пречекаат Спарс (17 часот), сѐ до средината на април за кога е закажана куп-пресметката, максимално би можеле да одиграат неверојатни 15 натпревари. Од тоа, девет би биле во плејофот од АБА2-лигата и тоа на 20, 24 и 27 март (полуфинале) односно 1,2,4,5 и 8 април (финале), секако ако се играат максимален број средби во двете серии и ако македонскиот тим ја мине првата плејоф-пречка. До крајот на Првата лига, пак, избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов имаат уште четири меча за одигрување (Кожув, Куманово, Пелистер и Фени), а ќе имаат и две обврски во Суперлигата.

Гевгеличани, пак, до почетокот на Купот, чии ко-домаќини се со тимот на Кожув, се соочуваат со сигурни десет меча и тоа на домашна и балканска сцена. Исто како и МЗТ Скопје, кошаркарите на Блокотехна до средината на следниот месец ќе мора да одработат шест пресметки од македонскиот шампионат и тоа четири од Првата лига (Гостивар, АВ Охрид, Работнички и Кожув) и две од Суперлигата. Избраниците на тренерот Марјан Илиевски ќе одиграат и четири средби во БИБЛ-лигата и тоа уште две од регуларниот дел од сезоната (денеска против Башкими и за една недела против Берое) како и уште две на фајналфор-турнирот во Тирана (6 и 7 април). На оваа завршница ќе учествуваат уште албанска Теута и бугарските екипи Академик Бултекс и Берое, а секоја екипа ќе игра во полуфиналето и потоа во финалето или дуелот за 3. место.

Ова дефинитивно ќе биде пеколен ритам за двете екипи, каков што тешко може да се види дури и во НБА-лигата, но и шанса кошаркарите и на МЗТ и на Блокотехна да покажат дека со право се меѓу најдобрите во државата. Аеродромци во моментов се првопласирани со скор 14-2 додека тимот од Гевгелија е на второто место со учинок 13-3. Веднаш за овој двоец е Работнички, кој има 13 победи и два порази, како и еден меч помалку од овие два тима.