„Ова е титула за Фемили и за мојата едногодишна ќерка!“

Предраг Самарџиски последен дојде во таборот на МЗТ Скопје, но брзо се етаблира во носител на играта и една од најсигурните алки во тимот кој со чисти 3-0 го совлада Работнички во плејоф-финалето и дојде до титулата.

За клубот ова е седма, а за популарниот Пеѓа втора во дресот на „металците“ по таа освоена во 2015 година кога исто така го носеше сино-белиот дрес.

„Свесни бевме дека сме подобри од противникот, но истовремено би им честитал и на кошаркарите на Работнички за нивната голема борба во ситуација кога се соочуваа со големи пехови. Така беше и вечерва, кога тие и покрај кусата ротација дадоа сѐ од себе да ја вратат серијата во својата сала. На наша среќа, во тоа не успеаја. За нас беше драгоцена поддршката од трибините, каде што Фемили уште еднаш потврди дека е наш шести играч. Оваа титула им ја посветувам ним како и на мојата едногодишна ќеркичка“, изјави Самарџиски.

За високиот центар ова е четврта шампионска титула во кариерата, втора во Македонија, а има триумфи и во АБА-лигата и во Србија.