Остана во игра за третото место: Гостивар со 18 тројки првпат сезонава го совлада МЗТ!

Фантастичниот шутерски ден беше главната причина за победата на Гостивар во денешната дерби-пресметка со МЗТ Скопје (98-82), во меч од 9. коло од Суперлигата, со која остануваат теоретски во игра за третата позиција во пресрет на последната рунда.

Гостиварци постигнаа неверојатни 18 тројки со ретко видена прецизност на границата од 50-отсто, со тоа што дури седуммина од тимот успеаја да реализираат од оваа позиција. Во „бомбардирањето“ предничеа Јурај Сегариќ со пет и Александар Костоски со четири погодени удари за три поени.

Гостите од Скопје не можеа да најдат одговор за ваквата расположеност за стрелба на противникот, а згора на тоа и немаа преголем мотив за борба со оглед што непосредно пред мечот ја осигураа стартната позиција број еден по поразот на Работнички против Блокотехна. Згора на тоа настапија без тројца интернационалци (Бојиќ, Медфорд и Вудард) како и без талентираниот Маслинко, што и тоа како се почувствува во играта.

Избраниците на тренерот Марјан Србиновски ги добија сите четири четвртини, водеа во текот на сите 40 минути и сосема заслужено дојдоа до бодовите. Костоски и Сегариќ беа најефикасни со по 19 поени додека Тенксли Ефианаи постигна 17 поени. Андреј Магдевски со 17 и Иве Иванов со 16 поени беа најпрецизни кај „металците“.

МЗТ Скопје останува лидер со скор 25-4, пред Работнички со 23-6. Трета е Блокотехна со 21-8, а на четвртото место е Гостивар со 20-9. Гостиварци во последното коло ќе бркаат триумф кај Кожув и ќе се надеваат на сензација на Куманово против Блокотехна за да дојдат до третата позиција. Во секоја спротивна ситуација ќе завршат како четврти и во полуфиналето од плејофот ќе играат против тимот од Аеродром.

ФОТО: Архива