Осма победа по ред за МЗТ: Аеродромци не се исплашија од пеколот во Гостивар!

Кошаркарите на МЗТ Скопје воопшто не се исплашија од полната сала и пеколната атмосфера што ја направија домашните навивачи и со добра игра во текот сите 40 минути без поголеми проблеми го совладаа домашниот Гостивар (74-61), во последниот меч од 15. коло од Првата лига.

Сино-белите со стартните шест поени во низа покажаа дека немаат намера да дозволат изненадување, а нешто подоцна со серија 9-0 се одвои на плус осум (20-12) пред крајот на првата четвртина. Тоа беше најава на триумфот на гостинот од Скопје, кој кон средината на вториот период првпат дојде и до двоцифрена позитива (29-18), која потоа умешно ја одржа до самиот крај.

Позитивата на аеродромци ја достигна и границата од 20 поени во третиот период од играта, што, сепак, не ги откажа домашните кошаркари и навивачи, кои без разлика на негативата даваа сѐ од себе со желба да дојдат до идентично чудо како минатата сезона против истиот противник. Но, овој пат тоа не се случи без разлика на неколкуте одлични мини-серии на Гостивар, претежно со удари за тројка.

Марко Симоновски одигра одличен натпревар и за 17 минути постигна ист број поени (пет тројки со две промашувања), а идентичен поентерски ефект имаше и Иве Иванов. Љубомир Младеновски го одигра сигурно најдобриот меч по враќањето во „Јане Сандански“ со 15 поени и девет скока додека ист број поени реализира и Џејмс Вудард за МЗТ Скопје за кој ова беше осми триумф по ред во домашната елита. Кај гостиварци најпрецизни беа Александар Костоски со 19 и Тенксли Ефианаи со 16 поени.

Ова беше последен дуел од Првата лига пред три неделната пауза во која прво ќе се одигра завршниот турнир од Купот на Македонија, следниот викенд во Гевгелија, а потоа настап ќе има и македонската репрезентација во претквалификациите за ЕП 2021.