Општина Центар парите наменети за реновирање градинка ги префрли во – Работнички!

Кошаркарскиот прволигаш Работнички доби дополнителни 50.000 евра од општина Центар, откако на вчерашниот состанок на Советот беше донесена одлука за пренамена на средства предвидени за „пренамена на објект во детска градинка“, објави порталот МКД.мк.

Црвено-белите од „Градски парк“ на почетокот од годинава добија 10 милиони денари за потребите што ќе ги имаат во 2021 година, но веднаш поднесоа и барање за измена на финансискиот план, а со тоа и дополнителни средства. Советниците со мнозинство гласови решија три четвртини од парите предвидени за градинка да завршат во касата на Работнички, кој сега добива вкупно 210.000 евра од општинскиот буџет.

Овие пренамени и претходно добиените пари, најверојатно, се причина и за реакцијата на управата на центарци, во која демантираат одредени написи во јавноста за евентуални финансиски проблеми во клубот. Причина за овие шпекулации беше неочекуваното заминување на најдобриот кошаркар досега, Девон Вашингтон, како и претходно на Карло Враговиќ.

„Работнички, изминатиот период, за разлика од некои други, не толку дамнешни времиња, е во стабилна финансиска состојба и редовно ги сервисира финансиските обврски и побарувања, како кон играчите и членовите на стручниот тим, така и кон надворешните соработници. Сите фанови и навивачи се сеќаваат на времето кога долговите на клубот се броеја во десетици милиони денари, а освоените пехари и трофеи од домашните и меѓународните натпреварувања служеа како саксии за садење цвеќе на минатите управи. Одлуката за промена на играчкиот кадар во клубот за тоа кој играч доаѓа, а кој си оди е исклучиво одлука на самиот клуб и на никој друг“, се вели меѓу другото во реакцијата на црвено-белите.

Работнички е во сто отстотна сопственост на општина Центар, на чие чело е Саша Богдановиќ, поранешен водач на навивачите на овој клуб.