Охридска трагедија: „Рибарите“ 30 минути царуваа во Куманово, но на крајот - убедливо загубија!

Кошаркарите на АВ Охрид долго ќе жалат за пропуштената шанса да го изненадат фаворизираното Куманово на негов терен, со оглед што во најголем дел од средбата го имаа водството и иницијативата, но на крајот загубија со релативно високи осум поени разлика (97-105).

Охриѓани брилјираа во првата четвртина, во која не знаеја да згрешат, брзо обезбедувајќи позитива од дури 17 поени разлика (27-10). Домаќинот потоа се опорави, ја намали негативата, но гостите, сепак, го одржуваа водството, кое кон средината на третиот период повторно беше изразено со двоцифрена разлика (66-55). Но, тоа како да ги освести кумановци, кои до крајот на четвртината намалија на само минус еден (76-77), а набрзо во последните десет минути го преземаа водството кое не го испуштија до самиот крај.

Репрезентативецот Димитар Караџовски со 22 поени беше најпрецизен кај Куманово, Бобан Стајиќ реализира 18, Александар Штерјов 17, а Мирко Ковач 16 поени. Мартин Јунаковиќ со 36 поени, седум скока и осум асистенции беше убедливо најдобар кај АВ Охрид.

Во вториот денешен меч, Кожув на домашен терен го изненади Гостивар (77-76) и извојува уште една голема победа, вкупно четврта сезонава, во битката за опстанок во елитата. Иван Мишковиќ со 25 поени и 10 скока беше најзаслужен за големиот успех на гевгеличани.

Претходно, во првиот меч од 13. рунда, Работнички како гостин го преслуша Фени индустри (74-55). Утре силите ќе ги одмерат Струмица и Карпош Соколи (17 часот) односно Пелистер и Блокотехна (18 часот). Колото ќе биде заокружено в среда, кога ќе се сретнат Шкупи и МЗТ Скопје.