Официјално потврдено: Антиќ ќе ја доигра сезоната во дресот на Работнички (ФОТО)

Прославениот македонски кошаркар Перо Антиќ по 18 години се враќа во домашното првенство и повторно ќе го облече дресот на најтрофејниот тим Работнички. 

Искусниот центар го потврди кам-бекот во својот матичен клуб на социјалните мрежи исто како и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој е главен спонзор на тимот од „Градски Парк“. Информациите кои се појавија изминатиот период, дека Антиќ се враќа во Работнички денеска добија и официјална потврда. 

Антиќ ќе ја доигра сезоната во редовите на „центарци“ и ќе биде огромно засилување за тренерот Марин Докузовски во одбрана на шампионската титула. Тој кариерата ја почна во Работнички, каде играше од 1999 до 2001 година, по што ја почна фантастичната интернационална кариера во која освои три титули во Евролигата (две со Олимпијакос и една со Фенербахче) и стана првиот Македонец, што заиграл во НБА-лигата во тимот на Атланта хоукс.