Од Блокотехна до трансфер во Серија А и тоа во тимот на легендарниот – Лери Браун!

Дека во Македонија не доаѓаат само третокласни странски кошаркари покажува примерот со доскорешниот играч на Блокотехна, Американецот Седрик Браун, кој денеска потпиша договор со италијанскиот прволигаш Фиат Торино каде што доаѓа на барање на поранешниот легендарен тренер од НБА, Лери Браун.

Станува збор за еден од најдобрите стратези во историјата на најсилната кошаркарска лига, кој долги години работеше во Денвер нагетс, Њу Џерси нетс, Сан Антонио спарс, ЛА Клиперс, Индијана пејсерс, Филаделфија севентисиксерс, Детроит, Њујорк и Шарлот. Беше асистент во „дримтимот“ на САД на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 и Атина во 2004 година, а летово стигна во италијанската автомобилистичка престолнина со задача да ја крене кошарката во градот на фудбалот.

Браун во Фиат Торино доаѓа на исклучиво барање на Браун, што е само по себе доказ за изборот на странци кој лани го направил тренерот на Блокотехна, Марјан Илиевски, како и за начинот на кој се тренирало во текот на минатата сезона. Крилниот центар настапи на 23 средби од Првата лига со просек од 7,8 поени, 4,3 скока, додека на девет меча во БИБЛ-лигата имаше просек од 9,5 поени и 4,5 скока.