Ново име за новиот претседател: Кошаркарите ја одбија „национална“ и се решија за – КФРСМ!?

Новиот претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), кој ќе биде избран на Изборното Собрание на 15 мај, мандатот ќе го почне и со ново име на Куќата на кошарката, кое тогаш ќе мора да биде усвоено по упатството од Агенцијата за млади и спорт (АМС), а поврзано со неодамнешната промена на името на државата.

На вчерашниот состанок на Управниот одбор (УО), било разговарано на оваа тематика и начелно било договорено да не се прифати предложената варијанта за замена на придавката „македонска“ со „национална“ туку да се оди со втората верзија – Кошаркарска федерација на Република Северна Македонија (КФРСМ).

Со оглед што кратенката од оваа опција делува долго и воопшто не асоцира на сегашната која ја користи федерацијата, оваа тема е оставена за претстојното Собрание на кое самите клубови ќе одлучат какво дефинитивно ќе биде новото име и која кратенка ќе се користи.