Новитет во Парк: Работнички ќе го задржи најдобриот стрелец од минатата сезона?!

Дебитантот во регионалната АБА2-лига и најтрофеен колектив кај нас, екипата на Работнички, во својот состав следната сезона, речиси сигурно, ќе го има кошаркарот со најдобар поентерски просек минатата сезона, српскиот интернационалец Стефан Балмазовиќ (31 год, 199 см).

Станува збор за исклучителен поентер, кој поради прекинот на првенството одигра само две средби во црвено-белиот дрес на центарци, во кои просечно реализираше по 20,5 поени. Негова главна специјалност е одличниот шут, особено за три поени, поради што се очекува и во следниот период да биде лидер на теренот на тимот, кој од клупата е предводен од Димитар Мираковски.

Една од причините за ова продолжување на соработката може да биде и фактот што Балмазовиќ би можел да биде регистриран и покрај моменталната забрана за интернационални трансфери за Работнички, поради сѐ уште активната суспензија од Светската кошаркарска федерација. Причина за тоа е што за Србинот нема да треба да биде издаден сертификат од ФИБА, со оглед што и минатата сезона играше за актуелниот освојувач на Купот на Македонија. Забраната, барем до решавањето на овој административен проблем кое се очекува во скоро време, се однесува само на регистрација на нови играчи кои доаѓаат од странство и за кои е потребен сертификат од земјата во која последно настапувал, а кој се добива со посредство на ФИБА.

Балмазовиќ, ако сѐ биде како што се шпекулира во кошаркарските кругови, ќе биде првото странство засилување за Работнички во пресрет на новата сезона. Засега е познато дека во тимот ќе останат Виктор Ефремовски и Марјан Младеновиќ, а се очекува наскоро официјализирање на соработката со Кирил Николовски, Стефан Младеновиќ како и со повратникот во црвено-белиот дрес, Петар Николиќ.